Вејце
| Вејце | |
Воздушен поглед на селото | |
| Координати 42°4′58″N 20°55′30″E / 42.08278°N 20.92500°E | |
| Регион | |
| Општина | |
| Област | Долен Полог |
| Население | 848 жит. (поп. 2021)[1] |
| Пошт. бр. | 1200 |
| Повик. бр. | 044 |
| Шифра на КО | 28009 |
| Надм. вис. | 1.200 м |
Вејце — село во Општина Тетово, во областа Долен Полог, во околината на градот Тетово.
Потекло и значење на името
[уреди | уреди извор]Афанасиј Селишчев забележал дека името на селото потекнува од некогашниот назив Весце.[2]
Географија и местоположба
[уреди | уреди извор]
Ова село се наоѓа во областа Долен Полог, на југоисточната падина на Шар Планина, чиј атар се издига до сртот, каде што се допира со државната граница со Косово. Селото е сместено во крајниот северозападен дел на подрачјето на Општина Тетово.[3] Селото е планинско, на надморска височина од 1.200 метри. Од централното место Тетово, селото е оддалечено 14 километри.[3]
До селото води локален асфалтен пат, кој започнува во градот Тетово.
Селото се наоѓа на десниот брег на Вејачка Река, на доста стрмна падина. Над селото се издигнуваат падините на Шар Планина и од тука водел патот за Средска (денес: косовско село). Водата за пиење доаѓа од една чешма (Чешма), која е во селото, како и од извори во атарот на селото, како што се Уј Втофт, Дрен, Кајнак Бавтијари, Кајнак Арири, Кајнак Идеари, Купиница, Скок, Старчец и Кучи Брег.[2]
Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Кобилица, Горновица (од Горно Вејце), Старчица, Сердарица, Речиче, Волниште, Рогопеч, Дојран, Дојранска Река, Страна, Рогопечка Река, Орловец, Купиница, Скоке, Ливаде, Раса Ливад, Лаз, Кабаш, Почело, Душк (Дабова Шума), Дуф, Дрен, Крушица, Пашиница и Кодра Пољакит.[2]
Селото има збиен тип и само некои куќи на самите краеви се разредени. Поделено е на три маала: Јерли (во долниот дел на селото), Чифчи (во средишниот дел) и Селамаларве или Епр (Горно) Маало. Најстаро е првото маало, а потоа другите. Маалата се наредени блиску едно до друго, но нивните граници се јасни.[2]
Историја
[уреди | уреди извор]Селото некогаш се наоѓа над денешната местоположба, на месноста Горновица или Горно Вејце (оддалечено околу 500 метри). Таму се наоѓа блага падина и обилни извори. По кажување на селаните, поради поголемата висина, тоа старо село било изложено на ветришта и поголем студ, поради што мештаните одлучиле подоцна да се преместат на денешната пониска местоположба.[2]
Првобитно, Вејце било населено со христијанско македонско население,[2] како што е споменато и во турските пописни дефтери од 1467/68 година, кога како дел од Нахијата Калканделен (Nahiye-I Kalkandelen), Вејце било споменато под името Вич со 70 семејства, 2 неженети и 5 вдовици, сите христијани.[4]
Од крајот на XVIII век, во селото започнале да се населуваат Торбеши од косовското село Средска и Албанци од Северна Албанија. Поради споменатите доселување, христијанските староседелци се иселиле. Од иселените православни жители се знае само за еден род и тој на почетокот на XX век живеел во градот Призрен. За другите иселеници од Вејце не се знае ништо, бидејќи доселените муслимани и она што го знаеле не го споделувале со истражувачите.[2]
Во периодот кога Вејце било христијанско, во него имало црква, но нејзините остатоци денес не се познаваат.[2]
Масакр кај Вејце
[уреди | уреди извор]Во текот на воениот конфликт во Македонија, на 28 април 2001 година се случил најкрвавиот и најбруталниот масакр во поновата историја на Македонија. Комбинираната патрола, составена од 16 припадници на безбедносните сили, и тоа 8 од Единицата за специјални намени „Волци“ при АРМ и 8 од Посебната единица на СВР Битола, во 17 часот тргнала на задача од касарната во Тетово и требало да се врати околу 20 часот. Биле распоредени по четворица во две лади ниви и два хамера. Пред селото Селце, кај чешмата, направиле мала пауза каде се сретнале со претходната патрола, која се враќала од селото Бродец. Во разговорот им сугерирале да се вратат зашто немало потреба да одат во Вејце, но тоа не било прифатено. Околу 17:45 часот патролата навлегла во тесна, непрегледна кривина. Кога првите три возила влегле во кривината, во вид на потковица, од три страни биле нападнати од терористи. Се пукало од золји, снајпери, бомби, рачни минофрлачи, пиштоли и друго автоматско оружје. По вооружениот напад, кој траел дваесеттина минути, врз мртвите тела бил извршен грозоморен масакр, а тројца сè уште со знаци на живот биле живи запалени.[5]
До 2025 година редовно биле одбележувани годишнините од масакрот од страна на делегации на бранителите, на Армијата, специјалните единици, политички партии и здруженија. На местото на масакрот била поставувана мермерна спомен-плоча повеќе пати, но секогаш била кршена од страна на непознати сторители, како што стоело во официјалните соопштенија. Во 2025 година не била поставена плоча, туку годишнината била одржана пред импровизирана спомен-плоча.[6]
Стопанство
[уреди | уреди извор]Атарот на селото е голем и зафаќа површина од 24,6 км2. На него преовладуваат пасиштата на површина од 1.573,8 хектари, на шумите отпаѓаат 473 хектари, а на обработливото земјиште отпаѓаат 339,4 хектари.[3]
Селото, во основа, има мешовита земјоделска функција.[3]
Население
[уреди | уреди извор]
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според статистиките од 1929 година, селото споменато како Вејце припаѓало во Селечката општина со средиште во Шипковица и има 69 куќи со 366 жители Албанци.[7]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 450 Албанци.[8]
Вејце во 1961 година броело 641 жител, а во 1994 година 381 жител, албанско население.[3]
Пописот од 1991 година не бил воопшто одржан во селото Вејце, бидејќи целото негово население одбило да учествува, односно го бојкотирало неговото одржување, поради што за таа пописна година, за селото нема податоци.[заб 1]
Според пописот од 2002 година, во селото Вејце живееле 1.127 жители, од кои 1 Македонец, 1.114 Албанци и 12 останати.[9]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 848 жители, од кои 2 Македонци, 804 Албанци и лица без податоци.[10]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
| Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
| Население | — | — | 506 | 532 | 641 | 765 | 916 | 0 | 381 | 1.127 | 848 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[11]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[12]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[14]
Родови
[уреди | уреди извор]Денес, во Вејце живее муслиманско население, кое говори на албански јазик. Населението е поделено на две групи: едни се исламизирани и албанизирани Словени, а другата е вистински Албанци. Првите, во минатото говореле „торбешки“ (односно македонски), но во XX век го примиле албанскиот јазик. Сите родови се доселени.[2]
Според истражувањата од 1948 година, родови во селото се:
- Албанизирани Словени: Укалар (3 к.), Адилалар (3 к.), Мусас (2 к.) и Бучки (3 к.), порано биле еден род и заедничко име им е Бајрамолар или Торбаларве. Свое потекло имаат од Љубиње кај Средска. Биле исламизирани во Љубиње и кога дошле во Вејце, поради врските со Албанците, тие се албанизирале. Сега живеат во маалото Јерли, кое го основале. Во Вејце живеат од крајот на XVIII век и го знаат следниов родослов: Зеќир (жив, 62 години во 1948 г.)-Јашар-Адил-Саит-Бајрам, основачот на родот. Тие се најстари доселеници. Учителот Апостол Трпески од Тетови во 1913 година ја забележал последната 50-годишна жена, која говорела на македонски, додека останатите го користеле македонскиот до крајот на XIX век. Денес, сите мештани го користат албанскиот јазик. Се знае за една постара жена од овој род, која во 1948 година се омажила во Селце, каде говорела македонски; Мемолар (1 к.), и тие се Торбеши од Љубиње кај Средска, живеат во маалото Јерли и говорат албански; Џаке (1 к.), дошле од некое село кај Средска. Куќите им се во Чифчи Маало и денес говорат албански; Ушка (9 к.), и тие се Торбеши од Љубиње кај Средска. Родовското име го добиле од каде што дошле. Денес говорат албански; Демиролар (3 к.), и за нив се вели дека се Торбеши од Љубиње кај Средска. Живеат во Чифчи Маало и говорат албански и Торбе (10 к.), живеат во Чифчи Маало, а имаат потекло од Средска. Имаат роднини, кои од Средска преминале во други полошки села.
- Албански родови: Јерли или Османолар (16 к.), доселени од Арна на границата помеѓу Љума и Мердита во Северна Албанија. По местото од каде што дошле познати се и како Арнор. Во Вејце живеат од првата половина на XIX век и го знаат следниов родослов: Тафил (жив, 47 години во 1948 г.)-Деар-Амет-Осман, кој се доселил. Куќите им се наоѓаат во маалото Јерли; Ќаче (6 к.), по потекло од фисот Гаш во Северна Албанија. Имаа свои соплеменици во селата Црвена Вода и во Рамни Габер во сливот на Маркова Река кај Скопје. Нивните предци биле католици; Меица (6 к.), дошле од селото Буштрица во Љума. Некои нивни роднини од Вејце преминале во Скопски Дервен (село Копачин Дол). Во Вејце живеат во Јерли Маало; Поте или Поталар (19 к.), имаат исто потекло како претходниот род. Во Буштрица имаат истоимени роднини. Тука живеат од 1820-тите и го знаат следниов родослов: Зибер (жив, 62 години во 1948 г.)-Бафтијар-Зибер-Јакуп, кој се доселил. Куќите им се во Горно Маало; Топојан (2 к.), името го добиле од местото од каде што се доселени, селото Топојани во Љума. Куќите им се во Чифчи Маало и се сметаат како понови доселеници; Велија или Оџа (2 к.), се доселиле од соседното Бродец, а подалечно потекло имаат од Љума. Живеат во Јерли Маало и Пече (1 к.), по потекло од Љума. Живеат во Чифчи Маало и се сметаат за понови доселеници.
- Ромски родови: Реџеп (1 к.), дошол во 1915 година од Призренско и во селото бил тапанџија.
Иселеништво
[уреди | уреди извор]Пред да биде албанско селото, тоа било македонско православно. Сега се знае за православни иселеници во Призрен, Косово. Од муслиманите иселеници има во Тетово и во Турција.[2]
Општествени установи
[уреди | уреди извор]- ПУ „Рилиндија“ - подрачно основно училиште за ученици од прво до петто одделение во состав на ОУ „Рилиндија“ - Селце
Самоуправа и политика
[уреди | уреди извор]Во XIX век, Вејце било село во Тетовската каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Тетово, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било дел од некогашната Општина Тетово.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Тетово. Селото припаѓало на некогашната општина Тетово во периодот од 1955 до 1965 година.
Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Општина Шипковица, во која покрај селото Вејце, се наоѓале и селата Бозовце, Бродец, Вешала, Гајре, Лисец, Селце и Шипковица. Во периодот 1950-1952, селото се наоѓало во некогашната општина Селце, во која влегувале селата Вејце, Лавце и Селце.
Избирачко место
[уреди | уреди извор]Во селото постои избирачкото место бр. 1995 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.[15]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 848 гласачи.[16] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 845 гласачи.[17]
Културни и природни знаменитости
[уреди | уреди извор]
- Цркви
Во минатото во селото постоела црква.[2]
- Џамии[18]
- Џамија — главна селска џамија
- Реки[19]
- Вејачка Река — река низ селото, притока на Пена
Личности
[уреди | уреди извор]- Родени во или по потекло од Вејце
- Мурат Бафтијари (1918 - 19 септември 1944) — македонски партизан; и
- Хисен Џемаили (р. 9 февруари 1976) — македонски политичар, пратеник во Македонското собрание и поранешен командант на ОНА, обвинуван за учество во терористички акции.[20][21]
- Починати во Вејце
- Игор Костески (1975-2001) — македонски бранител;
- Миле Јаневски (1971-2001) — македонски бранител;
- Бобан Трајковски (1973-2001) — македонски бранител;
- Марјан Божиновски (1974-2001) — македонски бранител;
- Кире Костадиновски (1976-2001) — македонски бранител;
- Бошко Најдовски (1976-2001) — македонски бранител;
- Роберт Петковски (1974-2001) — македонски бранител; и
- Илче Стојановски (1976-2001) — македонски бранител.
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- 1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 Трифуноски, Јован (1976). Полог. Белград: Српска академија на науките и уметностите. стр. 355-357.
- 1 2 3 4 5 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 49. Посетено на 22 октомври 2025.
- ↑ Турски документи за историјата на македонскиот народ кн. 4, Методија Соколоски, д-р Александар Стојановски, Скопје, 1971, стр. 373
- ↑ „МАСАКРИТЕ ОД 2001 ГОДИНА НЕ СМЕАТ ДА СЕ ЗАБОРАВАТ И ДА ИМ СЕ ПРОСТАТ НА "КРТОВИТЕ-ПРОКЛЕТНИЦИ"“. Македонско Сонце. 17 ноември 2006. Посетено на 2012-01-01.
- ↑ „ОДБЕЛЕЖАНА 24-ГОДИШНИНАТА ОД МАСАКРОТ НА МАКЕДОНСКИТЕ БРАНИТЕЛИ КАЈ СЕЛО ВЕЈЦЕ“. Сакам Да Кажам. 2025-04-28. Посетено на 2025-10-22.
- ↑ Афанасий Селищев. „Полог и его болгарское население. Исторические, этнографические и диалектологические очерки северо-западной Македонии“. - София, 1929, стр. 24.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 22 октомври 2025.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Резултати“. Државна изборна комисија. Посетено на 22 октомври 2025.
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
- ↑ Петрушевски, Илија; Маркоски, Благоја (2014). Реките во Република Македонија (PDF). Скопје: Геомап. стр. 17. ISBN 978-9989-2117-6-8.
- ↑ „ХИСЕН ЏЕМАИЛИ“. Собрание на Македонија. Посетено на 2012-01-01.
- ↑ „Хисен Џемаили нуди куќа за слобода“. Дневник. 8 јануари 2009. Посетено на 2012-01-01.
- Забелешки
- ↑ Во пописот од 1991 година, во населените места: Грачани, Никиштане, Ново Село (Боговиње), Раковец, Селце Кеч, Гургурница, Долно Јаболчиште, Клуковец, Добовјани, Врановци, Јажинце, Орашје, Равен, Спас, Богојци, Поум, Џепин, Долна Ѓоновица, Горна Лешница, Групчин, Добарце, Копачин Дол, Ларце, Мерово, Ново Село (Желино), Палатица, Рогле, Седларево, Стримница, Церово, Чифлик (Желино), Грешница, Длапкин Дол, Долно Строгомиште, Колибари, Речани - Зајаско, Вражале, Горно Седларце, Новаќе, Синичане, Мамудовци, Трапчин Дол, Горно Свиларе, Дворце, Рашче, Алашевце, Ваксинце, Виштица, Глажња, Гошинце, Злокуќане, Извор (Липково), Липково, Лојане, Оризари, Отља, Р’нковце, Руница, Слупчане, Стрима, Бибај, Богдево, Грекај, Нивиште, Орќуше, Рибница, Горјане, Градец, Ѓурѓевиште, Ломница, Арангел, Жубрино, Папрадиште, Ќафа, Црвивци, Бојане, Копаница, Паничари, Раовиќ, Чајлане, Патишка Река, Света Петка, Чифлик (Сопиште), Лакавица, Падалиште, Србиново, Страјане, Трново, Франгово, Шум, Алдинци, Горно Количани, Драчевица, Рамни Габер, Црвена Вода, Црн Врв, Нераште, Вејце, Селце, Корито, Блаце, Брест, Танушевци, Ѓермо, Порој, Бозовце, Бродец, Вешала и Шипковица, целото население не прифати да земе учество (го бојкотираше) во Пописот.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]
| ||||||||||||||||||||


